Вработените на аеродромот во Вилниус, главниот град на Литванија, на многу оригинален начин ги едуцираат патниците за тоа што е дозволено а што не да се внесува во авионите при патување.
На новогодишната елка на аеродромот, место украси, поставени се предмети од багажите на патниците. Ножеви, кутии за куршуми и други недозволени предмети кои не смеат да се внесат во авион и биле запленети, сега ја красат елката.
Поставен е и напис покрај елката: „Можеме да ви гарантираме дека не сте виделе ништо слично. Ова дрво има се – од ножеви, ножици, запалки и сите други видови опасни предмети“.
Надлежните во аеродромот порачуваат дека оваа елка е пријателски потсетник за важноста на безбедносните мерки во авиосообраќајот, односно дека има едукативна намена. „Ако не сакате вашите лични работи, кои се забранети во авион, идната година да се најдат на елката, проверете што е дозволено да се носи во багаж пред да се спакувате за патување. Безбеден пат!“ стои во пораката крај необичната елка на литванскиот аеродром.