Во овој град е забрането шетање на кучиња во текот на денот: Домашните миленици смеат да ги шетаат само возрасни лица

Во градот Веншан во јужната кинеска провинција Јунан, властите забраниле шетање на кучиња во текот на денот низ парковите, шопинг центрите, спортските објекти и другите јавни простори.

Забраната во Веншан пропишува дека кучињата можат да бидат надвор само ноќе, помеѓу 22 часот навечер и 7 часот наутро, поводникот не смее да биде подолг од еден метар и кучињата смеат да бидат шетани само од страна на возрасни лица.

Ваквиот закон кој е воведен на 29-ти октомври се смета за најрестиктивен во Кина, каде поседувањето на куче долги години подложеше на строги регулативи, пренесува “AP”.

Во време на владеењето на Мао Це Тунг, поседувањето на куче се сметало за навика на богатите, а истото оживеа во последните децении откако Кина започна да има се’ помалку семејства.

Меѓутоа, многу градови и понатаму имаат правила за тоа која раса на куче смее да живее во одредено подрачје, па така во престолнината Пекинг, во центарот на градот се забранети поголемите раси.

Парковите за кучиња се ретки, а таму неопходно е кучињата е да бидат на поводници.