Како да ги пројдете новогодишните празници без да добиете килограми плус?

Со новогодишните празници доаѓа и многу храна. Нормално е во овој период малку да претерате со јадењето, па дури и да заработите некој килограм плус.

Доколку внимавате на вашата линија, тогаш советите подолу ќе ви помогнат да ја задржите вашата линија.

1. Не им правете друштво во јадење на сите

За време на празниците, во секој дом има премногу храна. Па штом се заврши со едно јадење, на масата веќе е поставено нешто друго. Не мора да јадете кога јадат и другите и не мора да пробате сс што е послужено на масата. На овој начин ќе го избегнете заморот од прејадувањето, но и вишокот килограми.

2. Јадете побавно

За да го избегнете дебелеењето, обидете се да јадете што е можно побавно. Имено, од моментот кога ќе почнете со јадење, на мозокот му се потребни 20 минути за да почувствува ситост. Многу истражувања покажале и дека со брзото јадење, внесуваме многу повеќе непотребни калории.

3. Не заборавајте на физичката активност

Не мора целиот период да го поминете во теретана, доволно е да најдете малку време за некоја физичка активност. Одвојте 15 до 20 минути за утрински вежби или за прошетка. За ова ви е потребно многу малку време, а ќе го поттикнете телото да согорува повеќе калории.

4. Не претерувајте со алкохол

Бидејќи на празниците се пие и многу алкохол, добро е да се потсетите за калориите што ги содржат алкохолните пијалаци. Доколку сепак сакате да се напиете, комбинирајте го алкохолот со обична и минерална вода. Исто така, после секоја чаша алкохол, испијте една чаша вода.

5. Со секој оброк пијте минерална вода

Природната минерална вода е одличен избор за секој оброк бидејќи му ја зголемува хранливата вредност. Покрај тоа, со пиењето вода нема да внесете непотребни калории. Исто така, некои истражувања покажале дека газираната минерална вода може да го подобри варењето и да го намали ризикот од констипација.

6. Зголемете го количеството зеленчук во чинијата

На вашата чинија најдобро е да се наоѓа едно парче месо, малку јаглехидрати, а останатиот дел нека биде зеленчук. Зеленчукот е полн со витамини, минерали, антиоксиданси и хранливи влакна кои го намалуваат холестеролот и го подобруваат варењето. Исто така, хранливите влакна прават да се чувствувате сити.