Откриено зошто е толку тешко да се престане со пушење

Откриено е зошто е толку тешко да се престане со пушење на цигари.

Кога ќе престанете да пушите, можеби ќе имате проблем со уживањето во работите во кои инаку сте уживале.

Се работи за состојба која се вика анхедонија. Имено, во првата недела од апстиненција, пушачите рекле дека немале чувство на задоволство како порано.

Веројатно тоа е така затоа што наеднаш останале без никотин, хемикалија која го зголемува доброто чувство, објавено е во студијата на научниците од Универзитетот во Висконсин.

„Никотинот во основа го стимулира центарот за уживање во мозокот. Значи, ако сте земале никотин во текот на некои активности кои ви причинувале задоволство, тогаш поради хемискиот ефект, тоа чувство може да биде само поголемо“, појаснила авторката на студијата Џесика Кук, пишува Men’s health.

Всушност, тоа е тој момент кој дополнително го отежнува одвикнувањето од цигари. Оние кои во текот на првата недела од апстинирањето од пушење имале најмало чувство на задоволство, први почнале повторно да пушат, покажала студијата.

Но, добрата вест е тоа што анхедонијата од престанувањето со пушење е само привремена, односно трае околу една недела.

Затоа, како што вели др Кук, никотинската замена во тој период, како гуми за џвакање, не се лоша идеја и можат да помогнат.